Во петок отворање на уметничката инсталација „Урбани градини: сврзни ткива“

Фото: Тимот на ЛОКОМОТИВА

Во петок (24-ти декември) со почеток во 16 часот во Педагошка Академија/ Стакларник (Дрезденска 15) ќе се отвори уметничкиот настан претставен преку инсталацијата „Урбани градини: сврзни ткива“ во изработка на уметницата Ана Лазаревска.

Се работи за развоен/процесен проект, односно уметничко истражување со целосна идеја и реализација на Ана Лазаревска, во рамките на програмата „Други простори“/Уметност Клима Промена спроведена од Локомотива – центар за нови иницијативи во уметноста и културата во 2021 година.

„Ана прикажува дел од своето истражување кое е основано на внимателно и неизбрзано набљудување на природата и општеството, нивните функции, релации, и начини на функционирање како систем. Таа нив ги споредува со системот на кој функционира човечкото тело. Деконструирајќи го телото таа го промислува процесот на создавање и на телата и системите во кои тие функционираат, односно како клетките се комбинираат за да формираат ткива, ткивата за да формираат органи, а органите да формираат организми, кои постојат во системи – општествените системи и екосистеми помеѓу кои таа прави аналогија“, пишува во најавата за настанот.

Во фокус на истражувањето на Ана е и антропоцената која го претставува времето кога човекот ги нарушува здравите клетки во екосистемот, а со тоа и неговото постоење.

„Со ова претставување преку своето дело укажува на сите оние ткива кои не ги гледаме, а треба да почнеме да ги гледаме, и внимателно да ги развиваме во простори кои ќе ни овозможуваат да дејствуваме, да делиме, создаваме и да придонесеме во развојот на една целина, тело – на својата градска средина“, пишува во најавата за настанот.

Својот сензорен указ, Лазаревска ќе го пренесе преку уметничка интервенција во простор со интерактивна инсталација развиена со мапа, фотографии, QR кодови, gif и медитација, кој е времена, развиена во една темпорална димензија, односно е еден вид на изведување на другост во јавен простор, кое „изведува предлог“ за понатамошно вклучување на заедницата и внимателен однос кон јавниот простор и средина.

„Локомотива“ во рамки на програмата „Други простори“/Уметност Клима Промена, оваа година покрај истражувањето „Урбани градини: сврзни ткива“ организираше неколку настани поврзани со теми околу културата и екологијата; конференцијата „Културата во време на криза“ и предавање на Јована Тимотијевиќ „Политики на заедничкото“.

Целта на оваа програма е да се отворат простори каде ќе се зачнат прашања, ќе се подигне свеста и ќе се мапира улогата и одговорноста на културата и уметноста во нашето општество.