Во петок ќе се одбележат 35 години од Младинското радио „Клуб 100“ и три децении од неговото згаснување

Со изложба на артефакти, документи, фотографии и снимки од работењето, во петок (23 јули), со почеток од 20 часот, ќе се одбележат 35 години од почетокот на работењето на Младинското радио „Клуб 100“ и три децении од неговото згаснување. Во текот на изложбата во Куршумли Ан, ќе има џем сешн со Деан Шкартов (Клержо), Венцислав Смаќоски (Клержо) и Влатко Каевски (Киборг). По изложбата ќе следи музика од 80-тите и 90-тите години, а целокупниот настан се одржува во рамките на Скопско лето.

Младинското експериментално радио „Клуб 100“ своето прво емитување го имало во периодот од 25 до 29 мај 1987 година, во рамките на традиционалниот училишен фестивал со кој се одбележуваа Денот на младоста – 25 Мај и Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј. Лоцирано било во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје, а се емитувало во скопскиот етер на фреквенцијата на 100,1 MHz.

Пролетта 1986 година, на иницијатива на професорот Слободан Таневски, дел од учениците и професорите од средното училиште „Орце Николов“ започнале со подготовки за формирање на младинско експериментално радио во рамките на своето училиште. По едногодишни подготовки и добивање низа одобренија и емитувањето во текот на мај 1987 година, „Клуб 100“ повторно се огласило во скопскиот етер во 1988 година, од 6 до 10 јуни, на истата фреквенција од 100,1 MHz ФМ УКБ.

По барање и обезбедување на дополнителни дозволи, Младинското радио „Клуб 100“ почнало со редовна работа на 30 ноември 1989 година. Технички раководител и главен и одговорен уредник на радиото бил професорот Слободан Таневски. Секој четврток, од 14 до 22 часот, се емитувала разнообразна радиопрограма со широк спектар на емисии и теми. Програмската шема почнувала со ХИТ 100 (музичко-контактна емисија), следувале емисиите ДЕМОСКОП (музичко-контактна емисија), БИП-БИП (информативно-контактна емисија), МУЗИЧКИ ПОРТРЕТ (музичко-информативна емисија), ТОП-ЛИСТА (музичко-контактна емисија), а завршувала со НОЌНА ПРОГРАМА во 22 часот.

Од април 1990, радиото почнало со секојдневна работа, освен во сабота и недела. Поради одредени случувања (проблеми околу статусот на радиото), од септември 1990, па сѐ до згаснувањето на 20 јуни 1991, радиото повторно работело секој четврток.

Од овој значаен историски период останале неколку значајни артефакти во форма на касетни изданија. Во издавачкото портфолио на Младинското радио „Клуб 100“ се компилациските касети „Демоскоп (1 и 2)“, радиодрамите „Полициска приказна (1 и 2)“ на театарската група „Црв“, како и албумите „Чемер“ и „Македонски корени“ на „Ѕвон“, „Заедно сме лице“ на „Девијант“ и „Ритуал и пепел“ на групата „Клержо“.

По згаснувањето на Младинското радио, дел од учесниците продолжиле со работа по другите, тогаш новоосновани радија, но и во телевизиите и печатените медиуми во Скопје и Македонија. Тогашните ученици и студенти кои ги креирале програмата и содржините, денес се врвни новинари, медиумски работници, инженери и изградени личности кои со гордост го истакнуваат значењето на тој период и својата работа во Младинското радио „Клуб 100“.