Во петок е отворањето на самостојната изложба на скулпторот Ангел Димовски – Чауш

Фото: ДЛУМ

Во петок, со почеток во 20 часот, во просториите на ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите ќе се отвори самостојната изложба на македонскиот скулптор, Ангел Димовски – Чауш.

Изложбата е содржана од 60 дела и тоа: скулптури, цртежи, слики – објекти, изработени во различни материјали, бронза, дрво, алуминиум и мермер, коишто авторот ги работел во изминатите 50 години. Претставката вклучува и дела што се изработени во последните неколку години, а кои до сега не биле изложувани.

„Отварањето во петок ќе го направи македонскиот уметник и сликар, академик Васко Ташковски. Изложбата ќе биде отворена за разгледување до крајот на месец март, додека за сите љубители на уметноста влезот е бесплатен“, посочуваат од Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Ангел Димовски – Чауш се образувал во Училиштето за применета уметност во Скопје, потем студирал Историја на уметност со археологија, а во 1984 година дипломирал на Факултетот за ликовна уметност на отсекот за вајарство со театарска, филмска и телевизиска сценографија. Зад себе има 12 самостојни изложби во земјава и во странство, член е на ДЛУМ и на Француското друштво на ликовни уметници од 2002 година. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои во 1993 – прва награда на биенале за ситна пластика  наградата „Јордан Грабул“, наградата на ДЛУМ, „Димо Тодоровски“, наградата „Вангел Коџоман“ за најдобра изложба и многу други.