Во Пекинг пациенти болни од ковид примаат кислород во ходници зашто нема кревети

-

На носилки во болничките ходници лежат пациенти, главно повозрасни, или земаат кислород додека седат во инвалидски колички, бидејќи ковид-19 зема замав и ги  намали ресурсите на јавните здравствени установи во главниот град на Кина, Пекинг, јавува Асошиејтед прес.

Болницата Чуијанглиу на истокот на градот, во четвртокот беше преполна со пациенти. Нема слободни болнички кревети, а амбулантните возила продолжиле да носат уште повеќе луѓе за хоспитализација. Докторите и медицинскиот персонал работат под притисок и брзаат да ги испитаат најитните случаи.

Напливот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација и кои бараат болничка нега, доаѓа откако Кина ги укина големите пандемични ограничувања минатиот месец, по речиси тригодишни локдауни, забрани за патувања и затворања на училишта, мерки кои силно се одразија на економијата и предизвикаа улични протести во земјата.

Инаку во светот сè поголем број влади бараат патниците од Кина да бидат тестирани, со образложение дека кинеската влада не споделува доволно информации за состојбата со ковид-19. Европската Унија во средата „силно ги охрабри“ своите земји-членки да воведат тестирање за ковид-19, иако не сите го сторија тоа.

Италија е првата земја во Европа во која пандемијата однесе многу животи на почетокот на 2020 година. Таа стана првата членка на ЕУ која побара тестови за патници од Кина минатата недела, а Франција и Шпанија воведоа свои мерки. Тоа следуваше откако САД наметнаа барање за негативен резултат на тестот во рок од 48 часа по поаѓање.

Кина ги критикуваше барањата и предупреди на контрамерки против земјите кои ги наметнуваат за нивните граѓани. Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, неодамна рече дека е загрижен поради недостатокот на информации за епидемијата од кинеската влада.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг, денеска изјави дека Пекинг постојано „споделува информации и податоци со меѓународната заедница на отворен и транспарентен начин“.

„Во моментов, ситуацијата со ковид-19 во Кина е под контрола“, рече Мао, порачувајќи дека секретаријатот на СЗО треба да заземе научна, објективна и непристрасна позиција за да одигра позитивна улога во справувањето со пандемијата на глобално ниво.

Шолц потврди дека гласањето доверба на владата во Бундестагот ќе се одржи на 16 декември

Германскиот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц (66) денес потврди дека ќе побара гласање за доверба на владата на 11 декември, а Бундестагот потоа ќе гласа на 16 декември, отворајќи го...