fbpx

Во Париз одбележана 50-годишнината од отворањето на лекторатот по македонски јазик

Со симпозиум посветен на македонистиката и концерт на македонски народни песни се одбележа јубилејот на најстариот активен лекторат по македонски јазик на универзитетите во светот

-

На Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) вчера се одржа меѓународен симпозиум по повод 50 години од отворањето на тамошниот Лекторат по македонски јазик – најстариот активен лекторат по македонски јазик на универзитетите во светот, информираат од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Одекнаа научните вистини за македонистиката и констатациите за потребата од натамошни вложувања во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура. Но, и клучни согледби за македонските книжевни и културни вредности, преку осврнувањата на творештвото на великанот Ацо Шопов, во чест на 100-годишнината од неговото раѓање. На ИНАЛКО се слушна и македонската народна песна, на концерт организиран во чест на големиот јубилеј за македонистиката и за македонската држава“, стои во соопштението по повод одржувањето на овој настан.

На Симпозиумот се одржа тркалезна маса, која во целост беше посветена на македонистиката во Франција. На неа се обрати и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, како и проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонистика на ИНАЛКО.

Мојсова-Чепишевска детално се осврна на историјатот на македонистиката во Франција. Притоа, меѓу другото укажа дека интересот за македонскиот јазик таму датира и од претходно, од периодот меѓу двете светски војни, кога професорите Андре Мазон и Андре Вајан имаат објавено капитални дела за македонските дијалекти. Укажа и на интересот за македонскиот јазик и веднаш по неговата кодификација, посочувајќи на конкретни историски факти.

„Повеќе од јасно е дека во темелите на овој Лекторат е и еден претходен, од денешна перспектива согледано исклучително значаен, непрекинат научен интерес за македонскиот јазик во француската филологија и во периодот пред и по неговата кодификација. Тоа нè обврзува на заеднички заложби и за денешниот развој на македонистиката во Франција. Токму затоа и чествувањето на овој полувековен јубилеј не е и не треба да биде само формално одбележување, туку почетна точка на нови заеднички заложби на француските и македонските филолози и културолози, на ИНАЛКО и МСМЈЛК при УКИМ“, истакна Мојсова-Чепишевска.  

Како што во заклучните согледби од Симпозиумот нагласи и проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонистика на ИНАЛКО и претседаваше со тркалезната маса, излагањата на овој дел од Симпозиумот успеаја во целта да се поттикнат и заеднички иницијативи и нови проекти за следните години, како влог во развојот на македонистиката.

Со свои излагања учествува и актуелниот лектор по македонски јазик на ИНАЛКО, м-р Ѓоко Здравески, асс. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Јован Костов од Универзитетот „Пол Валери Монпеље 3“. Во нивните излагања беа акцентирани согледби и анализи за македонистиката во Франција денес, а одделно излагање беше посветено и на вреднувањето и анализирањето на поезијата на Ацо Шопов преку прочитот на странските македонисти, како и за предизвиците при подготовката на најновите преводи на негови песни.

На творештвото на Шопов, на Симпозиумот му беа посветени и две тркалезни маси. Со нив продолжи и чествувањето на делото на Шопов во Париз, по повод големиот јубилеј 100 години од неговото раѓање. Особено е важно што на овие тркалезни маси со исцрпни дискусии и нови согледби учествуваа и истакнатите странски македонисти и универзитетски професори, Кристина Е. Крамер од САД/Канада и Маќеј Кавка од Полска, долгогодишни учесници на Меѓународната научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ и преведувачи на поезијата на Шопов.

Покрај нив, на тркалезните маси учествува и професорот Жорж Алао од ИНАЛКО – Франција, по потекло од Нигерија, Дауда Ндиај од Сенегал, Хозе-Мариа Паз-Гаго од Шпанија, Џамила Межри од Тунис и Тања Кармзова од Франција.

Во овој дел на Симпозиумот учествува и академиците од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Влада Урошевиќ и Катица Ќулавкова, која е и некогашна лекторка по македонски јазик на ИНАЛКО, како и ќерката на Шопов и истражувач на неговото дело, Јасмина Шопова. На Симпозиумот, пред присутните се обрати и претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев.

Симпозиумот се оствари и со поддршка од МАНУ и Фондацијата „Ацо Шопов Поезија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...