Во пад на хеликоптер Мил Ми-8 на истокот на Русија загинале најмалку шест луѓе, соопшти руската агенција за воздухопловство „Росавијација“.

Во хеликоптерот на авиокомпанијата „Восток“ се наоѓале 13 патници и тројца членови на екипажот.

Леталото требало да пристигне на крајната дестинацијата во 10 часот и 20 минути по московско односно во 9.20 по средноевропско време. Бидејќи екипажот не комуницирал со надлежните власти, во потрага по исчезнатиот хеликоптер бил испратен авионот Антонов-26 и два хеликоптери Ми-8.

– Капетанот на хеликоптерот подоцна успеа да се јави во својата компанија и да пријави дека леталото паднало три километри пред својата дестинација и потонало – рекол извор кој додал дека според првичните информации, падот го преживеале тројца членови на екипажот и седум патници, додека шест патници загинале.

Спасувачките служби се уште не успеале да стигнат до местото на несреќата поради густата магла.