Во октомври 62 граѓани пријавиле каснување од куче, во „Лајка“ за еден месец згрижени 23 бездомни кучиња

Фото: Арбнора Мемети

Измина еден месец од отворањето на новото јавно претпријатие за згрижување на бездомни животни „Лајка“, од каде што соопштија дека досега во прифатилиштето се згрижени 23 бездомни кучиња од улиците на град Скопје.

„Дел од нив се заловени од нашите тимови по пријава на граѓани дека се агресивни, а дел од кучињата се донесени од граѓани на кои што неизмерно им благодариме за соработката. Резултатите од нивните тестови од лишманија од Факултетот за ветеринарна медицина се негативни и сите се во добра здравствена состојба“, информираат од „Лајка“.

Оттаму појаснуваат дека по задолжителниот преглед на заловените кучиња, следи вакцинација, стерилизација и чипирање, а нивното заздравување откако ќе завршат со постоперативниот третман, ќе бидат сместени во одделот за вдомување каде граѓаните ќе имаат можност да си го вдомат својот иден миленик.

Од друга страна пак, податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека до полицијата минатиот месец пристигнале 62 пријави за каснување од куче. Со ова е забележано зголемување на пријавите, за разлика од септември, кога до МВР 45 луѓе пријавиле во полиција за истиот основ.

Претходно, од почетокот на годината до крајот на месец август, МВР регистирало 446 пријави за каснување од куче.

„Мета.мк“ го следи проблемот со бездомните кучиња и претходно известуваше за оваа тема.