fbpx

Во охридски училишта се менуваат азбестни покриви додека се одвива наставата

-

Во неколку основни училишта во Охрид и околината се одвиваат градежни работи за промена на постоечките азбестни табли со лимен покрив во период додека се одвива настава во објектите.

Револтирани и загрижени родители за здравјето на своите деца кои посетуваат настава во ОУ „Христо Узунов“ реагираат за начинот на кој се изведува реконструкцијата на кровот на училишната зграда, посочувајќи дека размислуваат да не ги пуштаат своите деца на настава додека се работи на кровот за време на школските часови.

Градежните зафати не се завршија во текот на летото поради поништените тендерски постапки за повеќе училишта во општината. Родителите бараат надлежните од Општина Охрид да се погрижат работите кои се одвиваат во школската година да бидат согласно законските норми и правилници за ракување со азбестот како опасна материја.

– Министерството за животна средина за заштита и превенција од болестите што може да ги предизвика азбестот има објавено правилник за начин на постапување со отпад од азбест и со отпад од производи што содржат азбест. Правилникот дефинира и точно одредени правила за тоа како овие производи треба да се транспортираат, пакуваат и отстрануваат од градбите, секако поради нивното високо ниво на токсичност и штетност по човековото здравје – вели доктор Зоран Јордановиски, началник на Одделението за медицина на трудот при Институтот за јавно здравје.

Од локалната самоуправа велат дека реконструкцијата на училишните покриви ја следеле службите од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици.

„Веднаш по започнувањето на зафатите, изведувачот е опоменат азбесните табли да не се фрлаат и кршат, туку да се тргнат од кровот и со помош на механизација да се товарат во камиони и да се одложат на безбедно место. Таблите се демонтираат за викенд, кога во училиштето не се изведува настава“, се вели во соопштението на Општина Охрид.

Од општината додават дека сите преземени мерки биле согласно прописите за отстранување на вакви кровови, со цел да се заштитат децата и вработените од штетното дејство при кршење на азбестните табли.

Реакции од родителите стигнале и до санитарниот инспекторат, од каде велат дека внимателно ќе ги разгледаат претставките, но не откриваат како ќе постапат понатаму.

Покрај во најголемото основно училиште „Христо Узунов“, во Охрид во тек е и промена на покривната конструкција на училишниот објект на ОУ „Братство Единство“ и на подрачниот училишен објект на ОУ „Свети Наум Охридски“ во селото Елшани. За оваа намена во Годишната програма за образование на Општина Охрид се предвидени над 4,1 милион денари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...