Во Охрид, споменот на античкото минато и римскиот пат Вија Игнација страдаат од неквалитетна изработка

Фото: Мета.мк.

Слабиот квалитет на изработка со употреба на стиропор како замена за мермер, по кој се озлогласени градбите со антички мотиви од проектот „Скопје 2014“, го обременува и претставувањето на вистинското историското наследство надвор од главниот град.

За разлика од Скопје, каде низа од градбите се поврзани со лица и случувања кои немаат директна врска со местото на поставување, Охрид (тогашен Лихнидос) навистина бил една од точките на римскиот пат Вија Игнација (Via Egnatia) кој го сечел јужниот дел на Балканот од запад кон исток, поврзувајќи ги денешните градови Драч, Солун и Истанбул (кои во тоа време се викале Дирахиум, Тесалоники и Византиум).

Во центарот на денешен Охрид пред некоја година е поставен споменик кој претставува копија на антички столб што го означувал патот од времето на римскиот цар Марко Аврелиј (лат. Marcus Aurelius Antoninus Augustus, 121-180 г.н.е.).

На столбот се означени титулите на императорот кои претставуваат своевидно CV, мeѓу кои и Parthicus Maximus, Britannicus Maximus и Germanicus Maximus кои ги добил поради победите во Партија (Иран), Британија и Германија.

Фото: Мета.мк.

За жал, веќе се забележува дека споменикот е во фаза на распаѓање, при што дел од површината е излупен и се гледа стиропорот, кој се користи и за пикање отпадоци.

Фото: Мета.мк.

На самиот столб, покрај заморот на материјалот, се забележува уште посуштински фушерај направен уште при изработката. Имено, дел од титулите на императорот Марко Аврелиј се напишани погрешно, со „печатни грешки“. Наместо Pontifex Maximus стои Ponitfex Maximus, додека наместо Britannicus Maximus стои Brettannicus Maximus.

Фото: Мета.мк.

Покрај славата како воинствен император кој ја проширил и зајакнал империјата, Марко Аврелиј до денешен ден е познат и како мислител и писател, еден од претставниците на филозофскиот правец стоицизам.

Во современата популарна култура споменот на Марко Аврелиј го освежи светскиот филмски хит „Гладијатор“ од 2000 година, во кој на уметнички начин се предадени и последните денови на неговиот живот, кои опфаќаат епска битка на римската војска со германско племе, како и дискусија за природата на цивилизацијата и доброто владеење наспроти политичката корупција.