fbpx

Во Охрид се одржа работилница за зајакнување на отпорноста од хибридни закани

Петровска во своето воведно обраќање порача дека живееме во време во кое безбедносната средина е непредвидлива и комплексна зашто разни глобални актери користат невоени средства и методи за да креираат нестабилност и дестабилизација

-

Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово во Охрид учествуваше на работилницата насловена „Зголемување на свеста за хибридните закани: зајакнување на отпорноста на Западен Балкан“, организирана од Евроатлантскиот совет на Северна Македонија.

На работилницата станало збор за ранливоста на општествата на хибридните закани и потребата за зацврстување на сеопфатната општествена отпорност на овие закани, како клучна алка во намалувањето на нивното штетно влијание.

Петровска во своето воведно обраќање порача дека живееме во време во кое безбедносната средина е непредвидлива и комплексна зашто разни глобални актери користат невоени средства и методи за да креираат нестабилност и дестабилизација.

„Хибридните закани вклучително и ширењето лажни вести и дезинформации можат да предизвикаат големи штети во едно општество, без употреба на ниту еден војник и ниту едно воено средство. Нивното негативно влијание може да се рефлектира на демократските капацитети на нашето општество, на намалување на довербата на граѓаните во демократски избраните влади, како и на перцепцијата на граѓаните дека институциите немаат капацитети да се справат со оваа негативна појава“, рече министерката.

Единствениот ефикасен одговор, посочи Петровска, е проширувањето на нашиот пристап кон безбедноста и тоа на заеднички и здружен начин со сите чинители во општеството и со нашите сојузници.

„Во нашите планови за градење на отпорност на општеството треба да ја вклучиме инфраструктурата, енергетскиот и комуникацискиот систем, системите за снабдување со храна и вода, климатските промени, како и будно да го следиме технолошкиот развој. Секое општество има потреба да гради капацитети за справување со новите предизвици, на ист начин и посветеност како што се градат капацитетите за справување со конвенционална закана“, потенцираше министерката.

Петровска посочи дека Северна Македонија работи посветено на развој на сопствени капацитети за справување со хибридни закани, додека истовремено се развива и јавната свест и потребата од критичко размислување и препознавање на дезинформациите.

Во контекст на соработката со сојузничките и партнерските земји кои се соочуваат со истите безбедносни предизвици како и Северна Македонија, министерката истакна дека неопходно е оваа соработка да се зајакне уште повеќе, имајќи предвид дека веќе постојат повеќе формати на соработка во регионот. Во таа насока е и соработката со нашите НАТО сојузници.

На форумот воведни обраќања имале и Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија и Филип Тосевски, државен секретар во Министерството за надворешни работи, а свои презентации имаа и петнаесетина експерти од невладиниот и академскиот сектор од регионот и Европа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...