Од денес во Охрид започна да функционира регионалниот Центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушување од аутистичен спектар. Центарот е сместен во просториите на Општа болница – Охрид, а е опремен со најсовремена соодветна опрема која ги опфаќа сите потреби на децата, од психолошки развој до социјализација.

Во име на општина Охрид, претседателката на Советот на општината, Живка Ангелоска, изрази благодарност до сите донатори и помагатели и до Здружението „Во мојот свет“ за реализацијата на овој значаен Центар.

Министерството за здравство, ги обезбеди просториите во кои функционира Центарот, а трошоците за реконструкција на дел од просториите во Детското одделение при Општата болница, ги покри Владата на Република Бугарија.

– Центарот ќе работи во координација со соодветниот во Скопје, со Граѓанската организација „Мојот свет“, со Клиниката за психијатрија и Центарот за ментално здравје. Благодарност до бугарската Влада и бугарскиот народ за оваа помош, што многу ќе значи за регионот оттаму што корисници на новите капацитети ќе бидат околу стотина пациенти од овој дел на земјата – кажа министерот за здравство Венко Филипче.

Бугарскиот министер за здравство, Кирил Ананиев, потенцира дека не постои похумано и поблагородно од помагањето на децата со потешкотии.

– Тоа е кауза што треба да ја следиме во животот. Горд сум што бугарската Влада која ја претставувам успеа да ги обезбеди средствата за изградбата на овој центар. Потребни се заеднички напори на сите братски држави од регионот во рамки на своите можности да придонесат за обезбедување услови за рехабилитација и третман на децата неопходни за нивен натамошен развој – посочи Ананиев.

Центарот за рани интервенции и третман кај деца со нарушување од аутистичен спектар е опремен со соодветно прилагодени тоалети за вработените и корисниците, кујна, дефектолошки и логопедски кабинети, опремени со разновидни дидактички материјали кои се соодветни за потребите на децата, сензомоторна и мултисензорна соба. Со децата ќе работат обучени специјализирани едукатори и рехабилитатори, логопеди, семејни и клинички психолози.