Спасителната служба на планина од Охрид периодов врши обуки за туристички водичи за управување со ризиците во авантуристичките тури. Овој тип на обуки преставува освежување на знаењата од прва помош и презентација на основните техники за безбедна евакуација на повредени лица на тешко пристапни места.

Водичите се членови на здружението „Експлор“ од Охрид, кое ги обединува сите водичи кои работат во авантуристичкиот туризам, па дури и водичите кои работат со тури на културно историските знаменитости.

Антонио Додевски, претседател на Sпасувачката служба на планина вели дека целта на обуката е да се обезбеди меѓусебна соработка и да бидат запознаени капацитетите со кои располагаат за да се намалат евентуалните последици во случај на несреќи.

– Авантуристичкиот туризам е најподлежен на несреќи и за жал тие се случуваат на тешко пристапни места и неопходна е брза и безбедна евакуација од таму сѐ до можноста да се предадат на итна медицинска помош – вели тој.

Честопати се случува кога туристичките водичи носат тури на планина, да бидат затекнати од некои непредвидени ситуации, па во тој случај добро е да знаат со кои техники и опрема располага спасителната служба на планина за да можат целосно да се потпрат на нејзините услуги.

– Многу често луѓето мислат дека на нашите планини не се случуваат лавини што апсолутно не е точно. И на Галичица се случуваат лавини и тоа по неколку во текот на годината. Но, луѓето не ги виделе затоа што не биле таму. Многу е лошо ако се најдат на погрешно место во погрешно време и да ја почуствуваат моќта на природата. Затоа ние апелираме да се внимава кога се оди на планина, а ние редовно сме присутни онаму каде што е критично, посебно на зима – објаснува Додевски.

Спасителната служба држи предавања и за локалните заедници во руралните средини. бидејќи многу често при пообилни врнежи од снег, некои планински села остануваат со денови отсечени од цивилизацијата, па добро е мештаните да знаат како да се однесуваат во такви услови и каде да побараат помош.