fbpx

Во Охрид ќе се отвори „Златна соба“

-

До крајот на неделава државата, преку Министерството за култура, подготвува голема прослава по повод отворањето на долго најавуваната „Златна соба“, која ќе биде сместена во вредниот споменик на старата градска архитектура – „Куќата на Робевци“. Информацијата ја објави порталот „Охрид прес“, без да се наведе точниот ден на прославата, на која е најавено учество на највисоките државни раководители и што најверојатно ќе се случи претстојниов викенд.

„Златната соба“ ќе биде посебен дел од „Куќата на Робевци“, во која е сместен и Нумимазмитичкиот и Етнолошкиот музеј, како и простор за галерија за организирање ликовни изложби. Просторијата ќе биде максимално обезбедена со најсовремена апаратура за заштита. Проектот е финансиран со средства од Заводот и Музеј Охрид и од Министерството за култура на Република Македонија.

Како што е најавено, во „Златната соба“ ќе бидат сместени околу 400 најскапоцени антиквитети – златни, сребрени и позлатени предмети откриени при ископувањата во Охрид, како и во археолошките локалитети – Требеништа и Дебој.

Секако, охриѓани би сакале тука да ја видат и Златната погребна маска, по која е именувана собата, инаку пронајдена во Охрид, кај локалитетот Горна порта, во близина на Самуловата тврдина. Тие беа лишени од тоа задоволство иако, на почетокот, беше така објавено. Оттаму коментарите дека на Охрид ќе му биде дадена „Златна соба“, а одземена – Златната маска! Или: Златна соба – без Златна маска!

Во меѓувреме, Златната маска, заедно со поголем број скапоцени пронајдоци во охридскиот регион, пред да го најдат своето постојано место, беа изложени во музејот „Келтен Ромер“ во Манхинг, Германија, во рамките на изложбата „Златните лица на македонските кралеви – Македонците и Келтите од охридскиот регион – судир на културите“.

Подоцна, таа се најде во новиот Археолошки музеј во Скопје, заедно со уште 200 други артефакти кои Заводот за заштита на спомениците и музеј од Охрид ги отстапи да бидат дел од националната поставка.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...