Осум исклучоци во кои законот нема да се применува за јавни набавки во одбраната и безбедноста се предвидени во новиот закон за јавни набавки, кој е на дневен ред на денешната, 81-ва, седница на Собранието. Во новиот текст се опфатени само исклучоците, затоа што до крајот на март треба да биде завршен нацртот на сосема нов закон за јавни набавки од областа на одбраната и безбедноста, што го подготвува Министерството за финансии.

Оваа материја досега беше опфатена со два члена од досегашниот закон, кој предвидуваше широки дискрециски права во овие јавни набавки.

Целта на двата нови закони е да се усогласи македонското со правото на Европската Унија во делот на јавните набавки, и во набавките за потребите на одбраната и безбедноста.

Во текстот на предлог-законот за јавни набавки членот 19 предвидува одредбите од законот да се применуваат за „ постапките за јавни набавки на стоки, услуги или работи во областа на одбраната и безбедноста, освен за јавните набавки на стоки, услуги и работи кои се уредени со законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста“.

Исклучоци се набавките кои се вршат во друга земја и кога АРМ треба да купува во мисија или на вежба во странство, ако државата од друга влада купува безбедносно-осетлива опрема или услуги и опрема и услуги за посебни воени цели, или ако набавките се наменети за разузнавачки и контраразузнавачки дејствија.

Понатаму, исклучоци од општиот закон се и набавките преку кои би можеле да се откријат информации чие објавување може да ја загрози безбедноста, и набавки кои се спроведуваат според поинакви правила, утврдени со меѓународен договор или билатерална спогодба.

Законот предвидува комбинираните набавки, кои вклучуваат и аспекти од одбраната и безбедноста, да можат да се поделат или за нив да се примени законот за јавни набавки од областа на одбраната и безбедноста.