Во новата учебна година учениците од четврто одделение освен хартиени, ќе добијат и е-учебници

Фото: Thomas Park на Unsplash

Новиот Закон за учебници ќе обезбеди квалитетни материјали за учење, а воедно нуди и комбиниран модел на примена на печатени и електронски учебници, согласно потребите и можностите на учениците и семејствата. Секој од родителите којшто смета дека нема да може неговото дете да учи електронски, ќе може да си го испечати учебникот и нема да има никаков проблем. Ова го истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска за време на денешната посета на ОУ „25 Мај“ во Гази Баба каде беше отворена сензорна соба наменета за ученици со посебни образовни потреби.

Министерката посочи дека законот нуди комбиниран модел на примена на електронски и печатени учебници согласно позитивните практики во земји како Хрватска, Словенија и Естонија и истиот ќе се воведува сукцесивно.

Учениците од прво до трето одделение и натаму ќе добиваат учебници во хартиена форма, додека во новата учебна година само учениците од четврто одделение покрај можноста за хартиени, ќе добијат и дигитална верзија на учебниците. Дополнително, сите учебници ќе бидат понудени и во аудио формат, додека за учениците со оштетен вид ќе бидат печатени на Брајово писмо“ рече министерката Царовска.

Меѓу другото, таа истакна дека со овој закон за учебници за прв пат се поставуваат филтри што треба да обезбедат квалитет преку комисии составени од наставници по соодветниот предмет, универзитетски професори и претставници на граѓанскиот сектор кои имаат искуство повеќе од 10 години за превенција од дискриминација и почитување на човекови права.

Царовска исто така, информираше и дека подготовките за примена на новите наставни програми за прво одделение се започнати пред извесно време во соработка со локалните самоуправи и училиштата.

„Веднаш откако се донесе наставната програма за прво одделение, сите училишта беа известени што е потребно за започнување на наставата наредна година и до 15 јуни треба да ги имаат обезбедено ресурсите потребни за секоја училница. Учебниците се печатени и треба да им бидат доставени. За 4то одделение штом ќе биде подготвена програмата, училиштата повторно ќе бидат известени што е потребно да имаат за реализација, но и да дадат информација каде е потребно да имаме засилување за обезбедување дигитални уреди, за што огромна поддршка и досега е добиена од реалниот сектор“, рече министерката.