Постапката за избор на градежна фирма што ќе ја гради пругата Куманово-Крива Паланка на железничкиот Коридор 8 треба да се заврши до ноември годинава. Претквалификациската фаза заврши изминатава пролет, а во наредниот период тендерската документација ќе им биде доставена на претселектираните фирми, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за транспорт и врски. Компаниите ќе имаат рок од 90 дена за да ги подготват техничките и финансиските понуди.
„Се очекува до ноември 2021 година, постапката за избор на изведувач да биде завршена и склучен договор со избраниот изведувач. Градежните работи се очекува да започнат во почетокот на 2022 година“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Доградбата на пругата долга 64,8 километри меѓу Куманово и Крива Паланка ќе трае 24 месеци.
Воедно, за третата фаза од проектот за изградба на пругата кон Бугарија, за железничката траса од Крива Паланка до Деве Баир, се очекува најдоцна до декември годинава да се добие одговор од Управниот одбор на Инвестициската рамка на Западен Балкан (ВБИФ) во однос на веќе испратената апликација од нашата страна за добивање на неповратни средства од 150 милиони евра.
Доколку одговорот од ВБИФ биде позитивен, со грантот ќе бидеме на чекор до заокружување на финансиската конструкција за изградба на пругата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, за која земјава веќе има обезбедено средства од 60 милиони евра. Третата фаза од пругата кон Бугарија ќе чини 330 милиони евра, додека проектираните 24 километри е предвидено да се изградат во временски период од 36 месеци.
Тендерот за избор на изведувач за првите две фази од пругата меѓу Куманово и Крива Паланка беше распишан кон средината на јануари годинава. Тендерот за избор на изведувач на пругата Бељаковце-Крива Паланка следи откако минатата година германската компанија „Вибе“ еднострано го раскина договорот за изведба на првата фаза на пругата Куманово-Бељаковце, по што Владата се одлучи да го поништи огласот и за пронаоѓање на изведувач за втората фаза Бељаковце-Крива Паланка.