Стабилизирана е бројката на ученици кои се приклучија кон изведувањето на наставата на далечина и во ноември тој процент се движи околу 90 отсто.

Ова денеска во Штип го соопшти министерката за образование и наука, Мила Царовска, која смета дека ова е засега најповолниот баланс меѓу здравствената криза и образовниот процес. Овој принцип останува до крајот на првото полугодие, што ќе се одвива до крајот на календарската година, кога почнува тринеделниот зимски распуст.

„Со вчерашен датум бројот на позитивни ученици со ковид-19 се 66 ученици од тие што физички посетуваат настава и 160 наставници. Тоа е 0,05 отсто од бројот на сите ученици односно помалку од еден отсто од наставниците. Ова ни говори дека пандемијата во образованието е под контрола и бројот на заболени е низок,“ изјави Царовска.

Министерката за образование потврди дека се работи на нова концепција за изведување на настава во основното образование. Новината подразбира помалку предмети, а повеќе време во училиште, со тоа што предметите, за кои сега родителите приватно плаќаат курсеви, ќе се изучуваат во тој продолжен престој.

„Се намалува бројот на предмети, со тоа што нови предмети нема да има, туку ќе има намалување и организирање на предметите околу теми и поголем престој во училиште, за да може сите оние практични вештини кои се стекнуваат на курсеви, сега ќе може да ги стекнат во училиште. Тоа се практични вештини како готвење, ОТП, поезија и драма,“ рече министерката Царовска.

Откако ќе се изработи верзијата на новата концепција, ќе се влезе во јавна консултација, а веќе од март треба да почне да се работи како наставна програма.

Што се однесува до наставниците и нивната работа со настава од далечина од дома или од училиште, министерката рече дека е одлука на наставниците и училиштата, кои имале можност да избираат како ќе работат. Најголемиот дел од наставничкиот кадар се одлучил за работа од дома, а Царовска како пример го истакна примерот со СОУ „Коле Нехтенин“ од Штип, каде денеска престојуваше, каде од близу 90 професори, само шест се одлучиле наставата да ја држат од училиштетото.