Во недела нерасните кучиња ќе имаат можност да учествуваат на изложба, повикот е отворен

Фото: Мета.мк

Оваа недела, на 22 мај, во хотелот Белви во Скопје, со почеток од 10:00 часот, сите кучиња кои не се расни, а имаат микрочип и пасош за миленици и не боледуваат од некоја заразна болест, ќе имаат можност да учествуваат на изложба.

Ќе има различни фан категории во кои секој сопственик може да го пријави своето куче за најубаво стилизирано куче, најигриво, куче што личи на својот сопственик, омилено куче на судиите, најубава женка, најубав мажјак, најубаво куче во спортски дрес, па дури и најубаво куче со посебни потреби.

Идејата на овој настан е да им се даде еднаква можност и привилегија на сите кучиња кои не се расни, да учествуваат на една професионална изложба каде сопствениците ќе може гордо да ги презентираат своите миленици, истакнувајќи ги нивните позитивни карактерни особини и таленти.

На оваа изложба може да се пријават сите граѓани кои имаат домашен миленик мешавина од различни раси, а воедно ќе бидат поканети сите оние кои досега вдомиле куче од прифатилиштето на ЈП Лајка.

Сите сопственици кои сакаат со своите миленици да учествуваат на изложбата задолжително треба до петок да ја пополнат следната апликација:  https://docs.google.com/…/1U20bhgiXWzquVM9V6R…/edit.

Секој сопственик може да аплицира со едно или повеќе кучиња и да учествува во  повеќе категории истовремено. Настанот, кој е во организација на Кинолошкиот сојуз на Р.М и ЈП Лајка, ќе биде од забавно-едукативен карактер и ќе има за цел промовирање на кампањата за вдомување на бездомни кучиња.