Недостигот од медицински сестри со години е сериозен проблем во македонското здравство кој е посебно изразен во помалите градови и во селата каде што амбуланти и болници сè потешко успеваат да задржат кадар.
По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на медицинските сестри, во изјава за Мета, претставници на здруженијата на медицински сестри предупредуваат дека ниските плати и лошите услови за работа ги приморуваат сестрите да ја напуштаат професијата, а дел од нив заминуваат да работат во маркети, старечки домови или, пак, во странство.
Лилија Чолакова Дервишова од Здружението на приватни лекари вели дека во руралните средини состојбата е посенбо алармантна.
„Во Самоков, планинско место, има амбуланта која опслужува 40 околни села. Сестрата која работела таму заминала да работи во старечки дом каде ѝ понудиле повисока плата па локалната амбуланта останува без неа. Виница исто има проблем, односно во Блатец, село до Виница, каде што има здравствен објект. Во малите места тешко се наоѓа медицинска сестра. Бројот на жители се намалува, а маркетите даваат повисоки плати и сестрите заминуваат да работат таму“, вели таа.
Платите во помалите места, како што вели таа, се движат околу 30 илјади денари, а во градовите достигнуваат до 40 илјади, приходи кои очигледно не се доволни за да се задржи медицинскиот персонал.
„Имавме случај во едно мало место, сестра од работа кај доктор стоматолог си замина за 42 илјади плата во маркет“, додава Дервишова.
Проблемот не постои само во примарното здравство, туку недостиг од сестри има и во болниците на секундарно и терцијарно ниво, вели Гордана Бешлиоска, претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри. Како што таа информира, во Македонија во моментов не постои болничка установа која располага со доволен број медицински сестри.
„Ако има оддел со 30 пациенти, треба да има најмалку 10 сестри за да можат да постигнат и визита и грижа околу пациентите. Кај нас таков оддел со тој број на медицински сестри не постои. Кај нас, во просек, на еден болнички оддел во текот на денот работат само четири медицински сестри и еден до двајца болничари“, вели Бишлиоска.
Освен во други дејности, медицинските сестри масовно заминуваат и во странство каде условите за работа и примањата се значително подобри, додава Бешлиоска.
„Трендот на заминување е голем, и кај младите и кај повозрасните. Заминуваат со цели семејства. А повозрасните, на кои веќе им е премногу од ова незадоволство, целосно ја напуштаат професијата“, вели Бишлиоска.
Таа предупредува дека искусни сестри со одлични вештини се префрлаат во други професии, а болниците остануваат без кадар што треба да ги обучува помладите генерации.
По ковид-пандемијата, дополнителен проблем создало и масовното пензионирање на сестрите на кои претходно им било продолжен работниот ангажман, а нови вработувања нема онолку колку што треба да има.
„Во болницата во Прилеп нема согласност за нови вработувања, а има невработени медицински сестри“, нагласува Бишлиоска.
На свечената академија по повод Меѓународниот ден на медицинските сестри која се одржала вчера, акцент бил ставен на потребата од поголема автономија и признавање на професијата. Според Бешлиоска, медицинските сестри немаат авторитет и самостојност бидејќи сè уште нема Закон за сестринска дејност и лиценцирање, иако има драфт-верзија.
„Сестрите сега кај нас не одлучуваат за ништо, никој за ништо не ги прашува, немаат признание на образованието. А ние работиме суштинска работа со пациентите. Нов закон би го уредил образованието, работните задачи, лиценците и кариерниот развој на медицинските сестри, а со тоа би се зајакнала и целокупната здравствена грижа“, додава таа.
Недостатокот на кадар и стареењето на населението создаваат потреба за стратешки развој на медицинските сестри. Според Светската здравствена организација, оптималниот сооднос на медицински сестри и лекари треба да биде приближно 3:1, а во Македонија тој сооднос е значително понизок.
„Затоа е потребно зголемување на бројот на обучени медицински сестри, подобрување на условите за работа и платите, интеграција на технологии како електронски здравствени евиденции и телемедицина, поддршка за специјализирани обуки и континуирано образование“, се наведува во објавата на Институтот за јавно здравје по повод Меѓународниот ден на медицинските сестри.
Како што се додава, Македонија е потребно да ги следи овие состојби и да практикува што поголем број на едуцирани, специјализирани медицински сестри да бидат ангажирани во здравствениот ситем за што подобрa задравственa покриeност на населението.
Според извештајот за кадар на Институтот за јавно здравје, во 2024 година во Македонија во здравствените организации имало вработено вкупно 9.046 медицински сестри, од кои со високо образование се 1.830 медицински сестри, со вишо образование се 181 медицински сестри, а со средна стручна подготовка се 7.035 медицински сестри.
