Во Македонија нема тело што врши контрола на спроведувањето на мерките за климатска акција

РЕК Битола | Фото: ЕСМ

Државниот завод за ревизија бара од државата да преземе активности за создавање предуслови за непречено функционирање на национално тело што ќе биде задолжено за контрола и координација на имплементацијата на проекти и прашања поврзани со климатската акција во Македонија.

Оваа ревизорска препорака за формирање Национално тело за климатски промени е доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање, при што државните ревизори потсетуваат дека истото треба да дава насоки за севкупните климатски акции и да придонесува кон интеграција на истите секторски политики, планови и мерки, се наведува во Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност „Преземени мерки и политики од страна на РСМ/надлежни органи со цел ублажување на климатските промени“ на Државниот завод за ревизија.

„Националниот комитет за климатски промени на Република Северна Македонија кој треба да дава насоки за севкупните климатски акции, како и да придонесе кон интеграција на активностите во секторските политики, планови и мерки, е формиран во 2003 година, но истиот во пракса не функционира односно неговото постоење е од формална природа“, се вели во Извештајот на државните ревизори.

Воедно, ДЗР во документот додава и дека поминат е долг временски период од формирањето на Националниот комитет за климатски промени на земјава и не се презентирани документи со кои ќе се потврди неговата улога и учество во контрола и координација на спроведувањето проекти и прашања поврзани со климатските промени.

„Имајќи во предвид дека е поминат долг временски период од формирањето на комитетот, а дел од членовите веќе се имаат стекнато со правото на пензионирање или од објективни околности не се дел од комитетот беа извршени разговори со надлежните лица во МЖСПП. Надлежните лица во МЖСПП ја имаат согледано состојбата и биле доставени предлози до Владата на РСМ со неколку номинации за нови членови и формирање на нов Националниот комитет за климатски промени, но истите биле неуспешни, поради потребата од негово правно регулирање и распределување на одговорности“, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Мета.мк испрати прашања до Министерството за животна средина и просторно планирање во однос на оваа тема. Од Министерството објаснуваат дека национално тело за климатски промени постоело во минатото, но функционирањето на Националниот комитет се засновало врз стари одлуки со лица кои веќе не се во работен однос.

„Во меѓувреме се побарани номинации, но не се изврши промена/дополна заради потреба од ажурирање на правната регулатива и давање на одговорност. Од таа причина формирање функционално Национално тело за климатски промени на РСМ кое треба да дава насоки за севкупните климатски акции, како и да придонесува кон интеграција на истите во секторските политики, планови и мерки, е предвидено со Нацртот на Законот за климатска акција“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Со новиот Закон за климатска акција, предвидено е да се формира Национален совет за климатски промени, којшто треба да се состои од 20 члена кои ќе ги именува Владата на РСМ на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, за период од пет години, со право на реизбор.

Сепак, за да се формира новото тело за климатски промени неопходно е претходно да се усвои Законот за климатска акција, чие донесување постојано се одложуваше во изминатиов период. Иако беше најпрво ветено дека ќе го помине владиниот филтер до крајот на минатата година, по што следеше ветување дека низ владина постапка овој Закон ќе помине во првиот квартал од 2023 година, најновото ветување е дека тој ќе се најде на седница на влада во декември 2022 година, што значи дека во собраниска процедура тој би се усвоил во текот на 2023 година.

Законот за климатска акција годинава нема да се донесе, морало да се доусогласи со Енергетската заедница

Дотогаш ќе биде невозможно да се формира ново национално тело за климатски промени, чија задача е да дава насоки за реализација на севкупните климатски акции во земјава.

Да потсетиме, Македонија пред една година ја усвои првата Долгорочна стратегија за климатска акција на земјава со Акциски план, во кој се наведени обемни мерки и активности што треба да се спроведат како национален придонес за климатската акција од земјава.

ЕУ знае колкави ѝ се емисиите на стакленички гасови за лани, Македонија има најнови податоци за 2019 година

Покрај тоа што нема соодветно тело во земјава кое треба да дава насоки и совети и да ги координира институциите при реализацијата на конкретните мерки за намалување на влијанието на климатските промени, Мета.мк неодамна пишуваше дека Македонија со задоцнување ги објавува емисиите на стакленички гасови што се создаваат на национално ниво во текот на една година, информирајќи дека последните податоци се од 2019 година.