Втор ден полицијата го држи затворен приодот кон полициската станица во Куманово, со блокирање на две улици кои кружно водат кон зградата на СВР Куманово, објави порталот „Кумановски муабети“.
Со поставување полициски возила, полицијата во четвртокот, според неофицијални извори, поради превенција од можен напад, ги загради улиците 11 Октомври и Тодор Велков, што кај граѓаните на Куманово создаде извесена паника и страв од повторување на вооружените дејства од минатиот викенд.
Досега никој од надлежните од Министерството за внатрешни работи не одржа прес-конференција на која подетално ќе објасни зошто по неколку дена од нападите во населбата Тоде Мендол, полицијата се одлучи на ваков чекор.
Во дневниот извештај на РЦУК се вели дека во Центарот за управување со кризи биле информирани од СВР Куманово дека дел од улиците каде се лоцирани објектите на СВР Куманово, Општината Куманово, Основниот суд и ПТТ, се блокирани поради превентивни полициски активности.