Стотици деца во Куманово чекаат во ред за градинка, а зад секое дете на списокот на чекање стои едно семејство кое се соочува со тежок избор: кој ќе се грижи за нивните деца? Недостатокот на капацитети за предучилишна возраст создава социјални и економски последици за семејствата, а ветувањата за нови градинки сè уште се само на хартија, пишува Порталб.мк.

На листата на чекање има 341 дете за запишување во еден од 10-те објекти на детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово, каде што моментално се сместени околу 1.735 деца. Но, поради недостаток на објекти многу деца остануваат надвор од јавните градинки.

Родител од Куманово за Порталб.мк  изјави дека во многу случаи еден од родителите е принуден да ја напушти работата за да се грижи за детето, додека други се потпираат на членови на семејството или плаќаат приватни негователи, што значително ги зголемува месечните трошоци.

„Недостатокот на градинки директно влијае на семејната економија. Побарав од Општина Куманово да преземе мерки за што поскоро проширување на капацитетите на градинките во Куманово“, рече тој.

Друг родител на две деца рече дека неколку пати добил ветувања за изградба на градинки од политичарите, но досега ниту еден не ги исполнил своите ветувања.

„Секој што доаѓа да нè посети кажува големи зборови и дава секакви ветувања. На сите изградбата на градинки им е на врв на јазикот, но не и имплементацијата. И додека тие продолжуваат со ветувањата, ние како родители сме принудени да најдеме други решенија за нашите деца“, нагласи тој.

Една од населбите каде што сè уште ја нема ветената градинка е Бајрам Шабани, каде што градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, неколку пати најавил изградба на нов објект, но работите на терен сè уште не се започнати.

Од Општина Куманово за  Порталб.мк изјавија дека архитектонско-урбанистичкиот проект за градинката во населбата Бајрам Шабани е веќе одобрен.

„Следниот чекор за имплементација на проектот е подготовка на основниот проект, кој ќе биде изработен во согласност со одобрениот архитектонско-урбанистички проект“, соопштија од општината.

Но, од Општина Куманово не дадоа конкретен рок за завршување на работите.

Нови капацитети за предучилишна возраст потребни се и во населбата Тоде Мендол, позната како Диво Насеље, населена главно со албанско население.

Овој проблем не е само во Куманово, туку претставува предизвик за повеќето градови во Северна Македонија. Во детските градинки во Северна Македонија  нема место за околу 4.800 деца.

И додека просечниот број на деца запишани во градинка од тригодишна возраст до возраста кога започнува задолжителното образование во ЕУ е 92,2 проценти, во Северна Македонија овој процент е само 39,8 проценти.