Во Крушево се одржува Европско првенство во параглајдинг, во кое учествуваат 130 пилоти од 38 земји и се натпреваруваат за европската титула. Настанот ќе трае до 19 август, и е едно од најзначајните натпреварувања во дисциплината Параглајдинг крос кантри.
Главното полетување се одвива од Мечкин Камен, додека слетувањето и завршувањето на
натпреварувачките задачи се одвиваат на повеќе слетувалишта во поширокото подрачје, во зависност од конкретната задача и условите за летање.

Фото: Предраг Стојковски

Според организаторите, Европското првенство е потврда за квалитетот на Крушево како меѓународна параглајдинг дестинација, но и можност за понатамошен развој на
инфраструктурата и туристичката понуда.
„Организацијата на Европското првенство во Крушево е потврда за квалитетот што го нудиме, но и поттик за понатамошен развој. Со изградбата на новите полетувалишта создаваме услови и во иднина да бидеме домаќини на големи меѓународни настани. Крушево не е само летачка локација, туку целата локална заедница, угостителите и атмосферата што ги пречекува гостите“, истакна Горан Димишковски, претставник на организацискиот одбор и претседател на Светскиот параглајдинг куп.
Во моментот се градат две нови полетувалишта на Црн Врв, со цел подобрување на условите за параглајдинг и создавање дополнителни можности за развој на активниот и авантуристичкиот туризам.
По Европското првенство, Крушево продолжува со уште еден голем меѓународен спортски
настан. Од 24 август градот ќе биде домаќин на Светското јуниорско првенство во параглајдинг „Крушево 2026“.