Фото: prilep.gov.mk

Министерството за здравство денеска ги соопшти податоците за хоспитализирани пациенти во ковид центрите низ земјава, кои покажуваат дека вкупно 1.768 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и внатрешноста. Во моментов на ниво на цела држава има слободни 300 празни болнички кревети во ковид центрите.

Според бројките за хоспитализирани пациенти, во главниот град сместени се 725 пациенти, а во внатрешноста 1.043 пациенти.

Од ресорното министерство потенцираат дека овие бројки се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Денеска исто така, се очекува на владина седница да се постави предлогот за измените на Законот за здравствена заштита, со кои се предвидува цените во приватните болници да бидат изедначени со рефернтните цени утврдени од Фондот, односно дијагонстицирање и лекување на ковид пациенти да се движи од 40.000 до 305.000 денари.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 149 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 94 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 36 пациент, во Велес се лекуваат 106 болни, а во Куманово 114 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.

Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 105 пациенти, во Прилеп 125 во ковид центарот во Гостивар 48, а во Струга 23 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 94 пациенти, во Кочани 29 во Кичево 31, Кавадарци 63, а во Гевгелија 26 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во главниот град пак, во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 34 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 17 примени пациенти и 8 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 5 нови болни, а 2 пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени 6 пациенти.

„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 65 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ додаваат од МЗ.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 62 оздравени пациенти.