Фото: Арбнора Мемети

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 873 и има околу 450 празни болнички кревети во ковид центрите, информираат од Министерството за здравство. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 52 нови пациенти поради компликации од корона вирусот.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 32 приеми и тоа по двајца пациенти биле хоспитализиран на Клиниката за Очни болести и на Клиниката за Гастроентерохепатологија. На Клиниката за Неврологија биле примени 6 пациенти . Петмина болни се примени на ТБЦ, четворица на Клиниката за Дерматологија и 8 на Нефрологија. Петмина болни биле хоспитализирани на ОРЛ.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 10 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 8 во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 26 оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекува 21 пациент, на Клиниката за неврологија 24 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 26 пациенти со симтоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 22 пациенти, на Клиниката за очни болести 5 пациенти, а на ОРЛ 15 болни. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 19 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 102 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 94 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 17 пациенти.

Од Министерството за здравство информираат дека бројот на приеми во изминативе денови е намален и во главниот град имало 100 слободни места за сместување на пациенти заболени од ковид-19.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 527 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 28 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 55 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 19 пациенти, во Велес се лекуваат 27 болни, а во Куманово 81 пациент позитивен и суспектен на ковид-19.

Во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани 65 пациенти, во Прилеп 66, во ковид центарот во Гостивар 26, а во Струга 32 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 50 пациенти, во Кочани 17, во Кичево 13, Кавадарци 28, во Гевгелија 11 лица, а во Дебар 9 позитивни и суспектни на корона вирусот.

Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.