Фото: Mufid Majnun on Unsplash

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.687 и има околу 340 празни болнички кревети во ковид центрите, информираат од Министерството за здравство.

„Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа, во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 1.000 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 134 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.

Во болницата во Штип се хоспитализирани 75 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 44 пациенти, во Велес се лекуваат 101 болни, а во Куманово 100 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 129, во ковид центарот во Гостивар 37, а во Струга 22 болен. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 99 пациенти, во Кочани 26, во Кичево 34, Кавадарци 68, а во Гевгелија 21 лице позитивно и суспектно на корона вирусот.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 73 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 687 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 26 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 18 примени пациенти и 16 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 2 нови болни и 9 пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина не се примени  пациенти.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 67 оздравени пациенти.

Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен во ковид центрите во Скопје и утрово имало 75 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.