Фото: Министерство за здравство

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.448 и има околу 270 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство, според добиените извештаи во последните 24 часа.

Во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 835 пациенти. Во Битола се хоспитализирани 79, во Штип 60, на инфективното одделение во Тетово има 35 пациенти, во Велес се лекуваат 67 болни, а во Куманово 116 лица. Во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани 94, во Прилеп 119, во Гостивар 36, а во Струга 14 болни. Во болницата во Струмица лежат 69 пациенти, во Кочани 21, во Кичево 23, во Кавадарци 75, а во Гевгелија 27 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во изминатото денониќие во ковид центрите во Скопје е хоспитализиран 81 пациент, а вкупно 613 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели. На Интерните и хируршки клиники имало 46 приеми. Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ се примени 7 пациенти, а 14 на Инфективната клиника. Во Козле има 4 нови болни, а 5 деца се хоспитализирани на Клиниката за детски болести.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 55 оздравени пациенти.

На Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 295 болни, во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 114, на Клиниката за инфективни болести лежат 138, на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле се лекуваат 38 лица, на Клиниката за Детски болести има 20 пациенти, а седум на ГАК.

„Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 70 слободни места. Се очекува во текот на денот по направените исписи, да се ослободат и дополнителни места“, соопштија од Министерството за здравство.