Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 725 и има околу 600 празни болнички кревети во ковид центрите, информираше Министерството за здравство.

Оттаму посочуваат дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 410 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 26 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 36 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 15 пациенти, во Велес се лекуваат 34 болни, а во Куманово 67 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 45 пациенти, во Прилеп 50, во ковид центарот во Гостивар 15, а во Струга 25 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 32 пациенти, во Кочани 11, во Кичево 16, Кавадарци 23, во Гевгелија 9 лица, а во Дебар 6 позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во ковид центрите во главниот град пак, во изминатите 24 часа хоспитализирани се 23 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 315 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во Скопје.

„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 100 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ додаваат од Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 13 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 7 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 3 во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 25 оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 20 пациенти, на Клиниката за неврологија 21 болен, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 18 пациенти со симптоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 19 пациенти, на Клиниката за очни болести 6 пациенти, а на ОРЛ 17 болни. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 22 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 93 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 78 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 21 пациент.