Пациентка со симптоми на ковид-19 се пренесува преку службата за итна медицинска помош | Фото: Арбнора Мемети

Министерството за здравство соопшти дека вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 722 и има околу 386 празни болнички кревети во ковид центрите.

Од вкупниот број хоспитализирани пациенти, 297 се лекуваат во главниот град, а останатите 425 во ковид болниците низ земјава.

Покрај во Скопје, засега најмногу пациенти се сместени во Прилеп (71), Куманово (68) и Охрид (56). Во Кавадарци се лекуваат 45 пациенти, во болницата во Штип се хоспитализирани 37 пациенти. Во Битола 28 пациенти, а во Велес 27. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 21 пациент, а во Струга 18 болни. На инфективното одделение во Тетово има 17 пациенти, во Дебар 13 позитивни, во Гевгелија 8 лица, во Кочани 7, во ковид центарот во Гостивар 6 и во Кичево 4 пациенти.

Во главниот град, во изминатите 24 часа во ковид центрите се хоспитализирани 49 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 17 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 10 нови приеми на пациенти и 10 на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 12 пациенти.

„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 53 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ велат од Министерството за здравство.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 30 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 40 пациенти со симптоми на корона вирусот.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 80 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 93 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 24 пациенти. На ГАК има 6 хоспитализирани ковид позитивни пациентки.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 26 оздравени пациенти.