Фото: Арбнора Мемети

Министерството за здравство информира дека вкупно 787 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава и има околу 350 празни болнички кревети во ковид центрите.

Во ковид центрите во главниот град се лекуваат вкупно 323 лица, а во болниците низ земјава се хоспитализирани 464 пациенти.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, најмногу пациенти се лекуваат во Прилеп – 78, во Куманово 77, во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 56 пациенти, во Кавадарци 52, во болницата во Штип се хоспитализирани 39 пациенти, во Струмица хоспитализирани се 32 пациенти, а во Велес се лекуваат 26 болни.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 24 пациенти, во Струга 18 болни, во ковид центарот во Гостивар 14, по 13 се пациенти се лекуваат во Тетово и Дебар. Во Гевгелија се хоспитализирани 9 лица, во Кочани 7 и во Кичево 6.

Во главниот град, во последното деноноќие, на интерните клиники имало 22 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 11 нови приеми на пациенти и 3 на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 3 пациенти.

„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 30 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ велат од Министерството за здравство.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 28 пациенти, на Клиниката за неврологија 35 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 54 пациенти со симптоми на корона вирусот.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 83 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 96 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 22 пациенти. На ГАК има 5 хоспитализирани ковид позитивни пациентки.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 19 оздравени пациенти.