Фото: Арбнора Мемети

Речиси половина од болничките кревети за сместување на пациенти заболени од ковид-19 во земјава се слободни. Денешните податоци на Министерството за здравство велат дека на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава се лекуваат 650 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, а во моментов има 621 слободен болнички кревет во ковид-центрите.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 376 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во главниот град пак, во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 14 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 280 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во Скопје. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 9 оздравени пациенти.

„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 179 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“, велат од Министерството за здравство.