Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби | Фото: Арбнора Мемети

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 736 и има околу 606 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 403 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 27 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 36 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 16 пациенти, во Велес се лекуваат 27 болни, а во Куманово 62 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 45 пациенти, во Прилеп 53, во ковид центарот во Гостивар 15, а во Струга 28 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 32 пациенти, во Кочани 11, во Кичево 15, Кавадарци 20, во Гевгелија 9 лица, а во Дебар 6 позитивни и суспектни на корона вирусот.

Од Министерството за здравство велат дека во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.

„Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени“ велат од ресорното министерство.

Во ковид центрите во главниот град пак, во изминатите 24 часа хоспитализирани се 24 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 333 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во Скопје.

„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 190 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ додаваат од Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 10 приеми и тоа  по еден пациенти бил хоспитализиран на Клиниката за уво, нос и грло, на Клиниката за дерматологија, на Клиниката за гастроентерохепатологија и на Очната клиника. Двајца болни се примени на Клиниката за Неврологија и тројца на Клиниката за нефрологија.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 5 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 9 во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 25 оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 19 пациенти, на Клиниката за неврологија 20 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 18 пациенти со симптоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 21 пациент, на Клиниката за очни болести 6 пациенти, а на ОРЛ 17 болни. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 24 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 93 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 88 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 25 пациенти.