Извор на фотографија: Влада на РСМ

Министерството за здравство информира дека вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 194 и има околу 530 празни болнички кревети во ковид центрите.

Од нив, 71 болни и сомнителни пациенти дека се заболени со ковид-19 се лекуваат во скопските ковид-центри, додека 123 лица се лекуваат во болниците од јавното здравство низ земјава.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 5 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 3 оздравени пациенти.

Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот во скопските ковид центри имало 80 слободни места.

Ковид-пациентите во Скопје се сместуваат во Институтот за ТБЦ и на Клиниката за инфективни и фебрилни болести во Клиничкиот центар, како и во градската болница „8 Септември“. Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти, а во болниците во Кавадарци и Гевгелија нема хоспитализирани пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.