Во киносалата на Кинотека во четврток, на 2 октомври, ќе се одржи специјална проекција на дигитално реставрираниот филм Македонска крвава свадба од 1967 година во режија на Трајче Попов, како дел од проектот „Сезона на филмски класици“.

„Со проекцијата на овој класик на домашната публика ќе ѝ се овозможи повторно да го доживее филмот во неговата обновена, дигитално реставрирана верзија, а на младите генерации да се запознаат со еден од најрепрезентативните примери на македонската филмска традиција. Со цел да се овозможи што поширока достапност, филмот во исто време ќе биде емитуван во живо преку Јутуб каналот на Кинотеката, овозможувајќи ѝ на публиката надвор од Скопје и Македонија да го проследи ова значајно културно случување“, информираат од Кинотека.

Настанот е дел од европскиот проект „Сезона на филмски класици“, иницијатива на Асоцијацијата на европски кинотеки поддржана од програмата „Креативна Европа“ – МЕДИА на Европската унија. Во рамки на овој проект, Кинотеката ги дигитализираше и дигитално ги реставрираше филмовите Мирно Лето, Фросина, Мементо и Мис Стон, како и кратките етнолошки филмови Мариовска Свадба, Велигденски Обичаи и Русалиски Обичаи.

Од своето основање, проектот овозможи реставрација и повторна дистрибуција на над 210 европски филмови, а оваа година низ програмата се претставуваат повеќе од 40 новореставрирани филмски дела од 27 европски филмски архиви. Во тој избор влегува и филмот Македонска крвава свадба, како еден од најзначајните македонски филмови којшто го доловува историскиот и културниот контекст на нашата земја и кој претставува камен-темелник во развојот на националната кинематографија.