Во „Казандол“ не е складирана сулфурна киселина и нема опасности за населението и околината, констатира Државниот инспекторат

Рудникот “Казандол” во моментов не претставува опасност за животната средина и населението, а резервоарите за складирање сулфурна киселина се празни, констатирале инспектори на Државниот инспекторат за животна средина по надзорот кој бил направен во рудникот и околината минатата недела. За време на увидот на терен, Инспекторатот констатирал дека објектите и опремата на некогашниот рудник се во добра состојба, освен што е оштетена покривната конструкција од производната хала. Заштитната фолија во ролни и вреќите со минерална подлога за заштита на подземните води, се чуваат на отворено, односно се поставени на одлагалиштето каде требаше да се врши лужење на руда со сулфурна киселина.

Рудник „Казандол“, фото: ДИЖС

„Под одлагалиштата се лоцирани повеќе ископи за јаловишта и хавариско езеро. Првиот ископ е обложен со заштитна фолија и е исполнет со вода, а во езерцето има жив свет, додека останатите ископи не се исполнети со вода. Во објектите и надвор од нив нема складирано хемикалии. Од увидот на терен се констатираше дека на локацијата на која се наоѓаат објектите во состав на рудникот ‘Казандол’, во моментов нема опасност за животната средина, околните насади и здравјето на локалното население“, информираат од Инспекторатот.

Инспекцискиот надзор, велат од ДИЖС, е направен по претставка на граѓански организации од Валандово кои побарале да се утврди дали на локацијата има потенцијална опасност за животната средина и околните населби, со оглед на тоа дека не е познато во каква состојба се отворените копови и цистерните за сулфурна киселина. Владата во 2018 година еднострано го раскина Договорот за концесија на рудникот „Казандол“, заради неисполнување на условот од договорот од страна на концесионерот во рок од две години од добивање на концесијата да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 отсто од експлоатираната руда. Договорот за „Казандол“ беше потпишан во февруари 2015 година, но и по три години од тогаш објектот не беше завршен, ниту пак, ставен во состојба да може да процесира руда.

Рудник „Казандол“, фото: ДИЖС

Од 2018 година нема активности на локацијата, а изградбата беше запрена. Објектите и опремата на локацијата се чуваат од страна на поранешниот концесионер. Покрај физичкото обезбедување, во 2019 година започната е стечајна постапка, која не може да продолжи бидејќи во тек е и постапка за арбитража, иницирана од страна на поранешниот концесионер, кој побарува оштета од државата. Пред три години документите за комплексот „Казандол“ се најдоа и пред Јавното обвинителство, до кое пријава поднесе граѓанското здружение „Спас за нас“ од Гевгелија заради сомнеж за прекршување на постапката за издавање на концесијата.