Во Кавадарци и Кичево ќе се мерат ПМ-10 честички, набавени делови за расипаните мерни станици

Фото: Арбнора Мемети

Министерството за животна средина и просторно планирање набави нови автоматски семплери за мерење на суспендирани честички со ПM-10, ПM-2.5 и ПM-1 глави за семплирање за мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух. Семплерите се наменети за Кавадарци и Кичево, каде што мерните станици подолг период не покажуваат вредности на ПМ-10 честичките. Новите делови во следните два месеци ќе треба да бидат монтирани во близина на мерните станици.

Министерството, според договорот со фирмата набавувач РБЦ Медиа, објавен на веб-страната на Бирото за јавни набавки, ќе треба да плати 1,6 милиони денари.

Проблемот со нефункционалните мерни станици на државниот мониторинг систем се провлекува повеќе години по ред. Во моментов нема ниту една од 16 мерни станици која е целосно во функција и ги мери вредностите на сите шест полутанти.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини неодамна најави дека во периодот пред да започне сезоната на зголемено загадување на воздухот се распишани повеќе јавни набавки за различни делови за поправка на расипаните мерни инструменти, а нова мерна станица доби и Гевгелија.

„Пред да започне сезоната на греење, која се поклопува со зголемените концентрации на ПМ-10, ќе бидат поправени сите расипани мерни станици. За полесно информирање на граѓаните за вредностите на квалитетот на воздухот Министерството ќе изготви нов транспарентен софтвер“, најави Нуредини минатиот месец.

Тој информира дека измените во Законот за квалитет на амбиенталниот воздух се подготвени и наскоро ќе бидат доставени до Собранието. Во нив се врши транспозиција на европското законодавство во поглед на обврските на локалната самоуправа за изготвување и спроведување на планови за воздух, предвидени се конкретни задолжителни мерки на локално, но и државно ниво во насока на справување со појавите на високи концентрации на загадувачки супстанции во воздухот.