Според најновите податоци во светот со корона вирус заразени се над 700.000 лица. Младите луѓе можат да бидат изложени на ризик од коронавирусот многу повеќе отколку што првично се очекуваше. Само неколку дена откако докторката Тереза ​​Тем предупреди дека никој не е имун на Ковид-19 во Канада, владата потврди дека околу 33% од потврдените случаи на Канада се лица под 40 години.

На 28 март канадската влада објави епидемиолошко резиме на случаи на Ковид-19 во Канада, во кое се дадени детални информации за лицата на кои им е дијагностицирана оваа болест. Податоците, кои споделуваат информации за случаи, симптоми, демографија и изложеност, сугерираат дека можеби младите луѓе се изложени на поголем ризик отколку што се очекуваше првично кога почна да се шири болеста.

Според резимето на канадската влада, 33 проценти од оние кои се дијагностицирани со коронавирус во Канада се помлади од 40 години, 29 проценти се во возрасна група од 20-39 години. Додека само 4% од случаите се помлади од 19 години.

„Сериозноста на оваа болест не може да биде преценета. Помладите луѓе не се имуни“ изјави докторката Тереза Тем.

Таа на Твитер напиша дека околу 12% од сите хоспитализирани лица со Ковид-19 се помлади од 40 години.

„Оваа статистика е важна затоа што покажува дека и помладите возрасни групи исто така може да се заразат со оваа болест која што бара сериозна хоспитализација“ – пишува таа на својот Твитер профил.

Минатата недела, премиерот на Канада, Џастин Трудо им се обрати на сите што се чувствуваат непобедливи во однос на болеста, велејќи: „Ако одберете да се дружите со луѓе или да одите на преполни места, вие не само што се ставате во опасност, ги ставате и другите во ризик“.

Бројот на заразени во Канада е 6.320, со 65 смртни случаи и 466 оздравени лица, според податоците од американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“ којшто редовно ја следи и објавува статистиката на глобално ниво.

Кај нас најмладиот смртен случај од корона вирус е 31-годишен маж. Кај пациентот имало нагло влошување на состојбата поради најтешка форма на компликации. Триесет и едно годишниот маж починал по распад на белите дробови, а единствен ризик фактор била гојазноста.

„Пред нас е најтешкиот период, ни претстои и период каде ќе расте бројот на починати. Имаме и жртва, млад човек, што покажува дека вирусот не штеди никого. Сите кои досега не беа убедени во опасноста, сега верувам дека им е јасно дека ова е сериозна закана, дека мораме ние сериозно да се однесуваме кон неа. Нема да биде лесно, затоа сите да ги почитуваат препораките и да не шириме паника“ – апелираше министерот Венко Филипче.