Во Кадино се роди двополово прасе [галерија]

Фото: Никола Богдановски приватна архива

Во семејната фарма на 22-годишниот Никола Богдановски од скопското село Кадино, летово се родија многу јариња и прасиња. Но, вчера меѓу најновата принова од 12 прасиња се роди и едно двополово прасе.

Никола, кој воедно 2019 година завршил средно ветеринарно училиште, во разговор со Мета.мк раскажа дека ова прасе за него е вистинско изненадување, бидејќи тој од најмала возраст е опкружен со домашни животни, но до сега не видел прасе со машки и женски полов орган.

„Уште од најмала возраст сум бил со стока. Имаме и прасиња и кози, а и живина. До сега сме имале многу интересни случки како што се двополово јаре, бидејќи кај козите тоа почесто се случува. Но до сега не сум сретнал двополово прасе па ете и тоа се случи. Вчера во нашата фарма една од нашите мајки нѝ роди двополово прасе кое за мене е нешто сосема ретко. Во овие години до сега ми се немало случено да ми се роди такво прасе, но како што знаеме и самите секогаш има прв пат“, рече Никола.

Можноста да се роди двополово прасе се движи од 0,1 до 0,5 проценти, според студијата Интерсексуалност кај свињата од Катедрата за животинска генетика, исхрана и хигиена при Кралскиот ветеринарен колеџ од Стокхолм, Шведска.