Во јули годинава е забележан прв месечен раст на приходите во буџетот, откако почна ковид-19 кризата, со месечен раст од 1,4 отсто во однос на лани. Тоа се должи на растот на придонесите, но и на повеќе видови даноци. Како што соопштија од Министерството за финансии, по значително подобрата наплата на приходите во јуни, во споредба со април и мај, како и со олабавување на рестрикциите и реотварањето на економијата, резултатите за јули укажуваат дека ревитализацијата на економијата се одвива со добра динамика.

„Вкупната наплата на приходи во јули изнесува 17,9 милијарди денари, даночните приходи се наплатени во износ од 10,2 милијарди денари, или за 1,7 отсто помалку од лани. ДДВ за првпат од почетокот на кризата забележува раст во однос на минатата година од 1,2 отсто, по падот во јуни од 7,5 отсто, и високиот пад во мај и во април од минус 33 отсто и минус 43,5 отсто. Се забележува и раст на увозните давачки од 18,3 отсто, на персоналниот данок од 0,4 отсто, додека помала наплата има кај акцизите и данокот на добивка“, соопштија од Министерството за финансии.

Се додава дека, дефицитот, заклучно со јули, е реализиран со 4,76 отсто од БДП и е согласно планираната динамика со ребалансот, како и дека минатиот месец имало раст на придонесите од 11,9 отсто, во однос на истиот месец лани, што во голема мера може да се препише на мерките на владата за поддршка од 14.500 денари по вработен за исплата на платите за април, мај и јуни.

„И покрај предизвиците со кои се соочува македонската економија, во услови на справување со ковид-19, извршувањето на буџетот се одвива по план. Позитивната реализација во јули со раст од 1,4 отсто покажува дека тоа се одвива со добра динамика. Очекувањата се дека во третиот и во четвриот квартал од годината постепеното заздравување на домашната економија и заживување на економската активност ќе продолжи со засилено темпо. Финансирањето на буџетот е обезбедено и во случај на евентуален втор бран“, вели министерката за финансии Нина Ангеловска.