Извор на фотографија: МВР

Полицијата упорна да ги санкционира транспортерите кои превезуваат патници со неисправни возила, но и дел од нив упорно продолжуваат да возат со превозни средства со кои можат да ја загрозат безбедноста на граѓаните. По неколкуте сообраќајни несреќи во кои учествуваа автобуси и комби возила, меѓу кои најтешката се случи во февруари 2019 година со автобусот на „Дурмо турс“ кај Ласкарци, полицијата денеска повторно со акциска контрола на територијата на целата земја.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во текот на денешниот ден спровеле зајакната контрола на возила со кои се врши јавен превоз на патници, при што санкционирани биле 59 возачи.

„При контролата, 34 возила се исклучени од сообраќај поради техничка неисправност, од кои 27 возила имале неисправен уред за запирање“, се наведува во соопштението на МВР.

Од МВР информираат дека засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови и истовремено упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесат за побезбедни патишта.