Голем дел од граѓаните или неправилно ги носат маските или не носат маски воопшто | Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Граѓаните и понатаму не ја почитуваат мерката за носење лична заштитна маска како заштита и превенција од ширење на корона вирусот. Бројката на прекршоци по овој основ надмина илјада. Само во последното деноноќие, 1.143 лица не носеле заштитна маска на лицето, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Но се зголемува и бројот на оние што одат во изолација и самоизолација. По однос на овие мерки, на 905 лица им се издадени решенија за изолација, а 120 потпишале изјави за самоизолација. Во последните 24 часа не се евидентирани лица кои не ги почитувале овие мерки.

Мета.мк претходно пишуваше дека бројот на лица кои одат во изоалција и самоизолација почнува да расте на 29 мај и од тој ден наваму се бележи трендот на троцифрени бројки на дневно ниво.

Во моментов во државата има 3.239 заразени со ковид-19, а како активни се водат 1.424 лица. Од вирусот починаа 157 граѓани, а 1.658 закрепнаа.