Вакцинацијата против ковид-19 во земјава почна со имунизирање на медицинскиот персонал што директно работи со пациентите со оваа болест. Фото: Арбнора Мемети

За два дена, 453 здравствени работници кои работат во ковид центрите се вакцинирале против ковид-19, соопшти Министерството за здравство.

„Имунизацијата на медицинските работници се одвива непречено и со полн капацитет во модуларната болница на КИБФС во Скопје, каде се поставени 6 вакцинални позиции, се работи во две смени од 8 часот наутро до 20 часот, од понеделник до сабота“ велат од ресорното министерство.

Во средата на Клиниката за инфективни болести со вакцинирање на здравствените работници започна првата фаза од имунизација во нашата земја со вакцината „Фајзер“, а во меѓувреме тече пријавувањето на веб страницата vakcinacija.mk, како и преку матичен лекар за сите граѓани над 70 годишна возраст за кои вакцинацијата започнува веднаш после здравствените работници опфатени во правта фаза. Досега на веб страницата 58.500 граѓани изразиле желба за вакцинација, а преку матичен лекар 32.917 граѓани над 70 годишна возраст.

Здравствените власти најавуваат дека кон крајот на месецот во нашата земја се очекува да стигне и вакцината на кинескиот производител Синофарм, од каде во директни преговори купени се 200.000 вакцини против ковид-19.

Министертвото за здравство информира дека Република Северна Македонија преку КОВАКС механизмот има обезбедено 833.000 дози вакцини. Првата испорака која ќе пристигне во нашата земја ќе биде со вакцината АстраЗенека, од која првата количина е планирано да стиген во март. Од оваа вакцина за Северна Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози, од кои околу 35 отсто треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината. Во правата испорака на Ковакс механизмот за вакцини Фајзер вклучени се само 18 земји, а не се вклучени земјите кои почнале сопствени програми за вакцинација против ковид-19.

Сите производители на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а Фајзер дополнително е вакцина која е регистрирана и од европското и американското регулаторно тело за квалитет на лекови.

Со пристигнатите 4.680 дози вакцини од производителот „Фајзер“, поради фактот што за заштита од САРС-КоВ-2 потребно е една личност да прими две дози, ќе може да се вакцинираат 2.340 здравствени работници.

Проф. д-р Драган Даниловски за Мета кажа дека ако се земе предвид дека максимален капацитет на вакцинирање е 2.500 луѓе на ден, како и дека имаме 32.000 здравствени работници (од кои 6.200 се доктори), под претпоставка дека имаме доволно  вакцини, за да се вакцинираат сите здравствени работници ќе бидат потребни 13 дена.

За да се обезбеди колективен имунитет, односно за да запре ширењето на ковид-19, потребно е околу 70 отсто од населението да се вакцинира.

Според проф. д-р Никола Пановски, кога би го имале потребниот број вакцини, може да се зголеми динамиката и да се прават и по 10.000 вакцинирања дневно.