Синоќа започна 15-тото издание на Фестивалот на планински филм Ехо. Во исполнетата сала на Домот на АРМ, вљубениците во планинската култура можеа да уживаат во филмот на режисерот Игор Вртачник од Словенија, „Виорник од работ“, кој ја содржеше следната порака:
„Треба да го почитуваме нашето минато, нашите предци… Доколку не ги почитуваме, нема самите да се почитуваме и нема да бидеме почитувани од другите.
Треба да знаеш кој си и каде одиш. Во спротивно, некој друг ќе одлучува за тоа.
Ние треба да знаеме дека личноста е како дрво. Дрво кое расте, се раѓа и умира, гледа со крошната кон целиот свет.
Доколку немаш корења во земјата, како дрвата, повеќе не си дрво – ти си трупец. А трупецот може секој по желба да го шутира наоколу…“
Програмата во следните денови продолжува во Кинотека на РСМ, со почеток од 18 часот.
„Први на програмата се Национален Парк Шар Планина, најмладиот национален парк во нашата држава, преку чија презентација ќе можеме да се запознаеме со нивните активности и предизвици, а продолжуваме со “жешката” тема околу Пожарите заедно со Македонско Еколошко Друштво со презентацијата „Пожари: што пред и после нив?“, известуваат организаторите.
Веднаш потоа следи филмот „Рај“ на Александар Абатуров, кој ја освои наградата за најдобра кинематографија на ИДФА.
„Овој филм не само што плени со својата извонредна визуелна уметност, туку и нуди длабока човечка приказна која остава без здив“, се вели во соопштението.
Во 2021 година, екстремен топлотен бран предизвика огромни шумски пожари во огромните субарктички шуми на Саха, североисточна република во Сибир. Селото Шологон лежи во овој пејзаж на тајга, обвиен со портокалов чад и црн пепел. Гори шумата, а пламените јазици брзо се приближуваат. Сепак, жителите на областа не очекуваат помош од владата, бидејќи Шологон е на работ на „контролната зона“. Ова е официјалниот руски термин за која било оддалечена или ретко населена област каде што властите не се обврзани да се борат со шумските пожари доколку трошоците за нивно гаснење би ги надминале трошоците за проценетата штета. Оставени на сопствената судбина, селаните ги здружуваат силите“
Влезот на ЕХО фестивалот за планински филм е слободен.