Заменикот на американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, изјави дека од почетокот на воздушните напади против екстремистичката Исламска држава се убиени повеќе од 10.000 милитанти во Ирак и во Сирија.

Во интервју за француско радио, Блинкен предупреди дека без разлика на напредокот во борбата против милитантите, групата и понатаму е „многу прилагодлива и може да преземе иницијатива“.

– На почетокот на кампањата рековме дека е потребно време – рече Блинкен, додавајќи дека станува збор за „тригодишен план, кој се спроведува само девет месеци“.

САД и другите членки на коалицијата вчера во Париз го поддржаа ирачкиот план за враќање на територијата што ја освоиле милитантите.