Фото: Mufid Majnun on Unsplash

Индија се соочува со нов бран на ковид-19 со катастрофални последици. За само неколку дена, „индискиот сој“ предизвика хаос во земјата со население од 1,3 милијарди лица. Секојдневно се пријавуваат голем број на новозаболени од корона вирусот, а се претпоставува дека една од причините е заразниот мутант на ковид-19, вирусот Б.1.617, откриен во земјата. Властите вчера регистрираа црн рекорд од над 300.000 нови инфекции, петти ден едноподруго, поради што и индиската армија се вклучи во борбата против новиот бран на вирусот. Новиот сој, Б.1.617, се нарекува уште и двоен мутант, затоа што има две мутации на ниво на протеин на вирусот Сарс-Ков-2, кој е причината за новата пандемија со ковид-19.

Во последните 24 часа во Индија се регистрирани 323.144 нови случаи на ковид-19,  болниците се преполни и не можат да ги примат новите заболени поради недостиг на болнички кревети и кислород. Потврдени се 2.771 смртни случаи, но според експертите, реалниот број на смртни случаи е значително поголем, пренесува Гардијан.

Индија се соочува со страшен втор бран на пандемијата на корона вирусот. Поради големиот број смртни случаи, индиските власти прават масовни кремирања на необични локации, како што се паркинзи, бидејќи крематориумите се полни. Локалните власти наредиле да се сечат дрва во парковите, со цел да се обезбеди гориво за масовно кремирање. Во Њу Делхи и во други градови во Индија, колони амбулантски возила чекаат на ред за да ги пренесат мртвите, јавуваат светски агенции.

Началникот на Генералштабот на индиската армија, генерал Бипин Рават најави дека армијата ќе обезбеди дополнителни количества на медицински кислород од своите резерви, а пензионираните воени медицински работници ќе се приклучат на здравствените установи кои се борат со епидемијата. 

Според генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејезус, се прави сѐ што може за болниците да се снабдат со материјали и основна опрема, како што се концентратори на кислород, подвижни теренски болници и лабораториска опрема.

Првата мутација на ковид-19 е блиска на оние регистрирани сличаи во Јужна Африка и Бразил, втората варијанта на овој вирус е забележана во Калифорнија, САД, а за прв пат, двата соја сега се појавуваат заедно. Според СЗО, оваа индиска мутација треба да се следи, но сè уште нема доволно податоци за да се утврди дали станува збор за „загрижувачки сој“ на корона вирусот.

Многу земји, меѓу кои Тајланд, Сингапур, Бангладеш и Велика Британија го ограничија влезот на патници од Индија, за да се спречи ширењето на новите варијанти на вирусот.