„Со голема радост и возбуда ве известуваме дека Рудник на смртта во Иловица и Штука – нема да има, ова е голема победа за екологијата во Македонија“, објавија денес еколошките здруженија од Струмица и струмичките села Штука и Иловица откако во медиумите осамна веста дека второстепената Комисија за одлучување во управна постапка донесла одлука со која се одбива жалбата на компанијата „Еуромакс Рисорсис“. Со ова решението за одбивање станува правосилно и целосно се отвара патот за конечно одземање на концесијата според повеќе основи наведени во законот за минерални суровини, се вели во соопштението на здружението „Еко-долина“ од Струмица, кое беше дел од отпорот на месното население против изградба на рудникот за бакар и злато во Иловица.

Од „Еко-долина“ додаваат и дека очекуваат во најбрз временски период владата да донесе одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина со концесионерот „Еуромакс Рисорсис“. Од владата, пак, информираат дека, по одлуката на второстепената Комисија до нив сè уште не е пристигнато барањето за ставање на дневен ред на точката за рудникот Иловица.

Од страна на досегашниот концесионер на неотворениот рудник Иловица дојде воздржана реакција на одлуката на Комисијата.

„Го добивме Решението од Државната второстепена комисија, ги анализираме деталите изнесени во Решението, како и импликациите кои ќе произлезат од него“, се вели во писмениот одговор од „Еуромакс Рисорсис“.

Што се однесува пак до шпекулациите дека оваа канадска компанија ќе ја тужи државата за штета предизвикана од одземањето на концесијата, од таму велат дека во овој момент, е многу рано да се произнесат за тоа која ќе биде нивната одлука за понатамошните чекори кои ќе бидат превземени, но дека за тоа ќе ја информираат јавноста.