Еден цивил е убиен, а 23 се повредени во рускиот ракетен напад врз украинскиот град Миколаив што се случи синоќа, јави дописникот на Укринформ, повикувајќи се на извештај на украинската Јужна оперативна команда.
Според извештајот, нападот бил извршен од Црното Море со ракети од типот „Калибр“, а испукани биле четири проектили. Покрај загинатиот и повредените, уништени се и куќи, како и станбен блок.
„Бидејќи ова е оружје со висока прецизност што се потпира на координати, тоа е очигледен терор врз цивилите“, се наведува во извештајот.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски на Телеграм објави видео кое ја прикажува штетата од рускиот ракетен напад врз Миколаив.
„Земјата-окупатор не престанува да докажува дека главната цел на оваа војна е теророт и уништувањето на Украинците и сè што е украинско“, напиша Зеленски.
Би-би-си пренесе дека украинскиот новинар Богдан Битик, кој им помагал и соработувал со новинари на италијанскиот весник „Ла Република“ (La Repubblica) бил убиен од снајперисти во Украина. Битик работел со италијанскиот новинар Корадо Зунино кога биле нападнати од заседа од руски снајперисти во регионот Херсон. Зунино завршил со повреди и во моментов се лекува во болница во Херсон.
И двајцата новинари носеле панцири на кои пишува „PRESS“ (Прес).
Пред да биде објавена веста за смртта на Битик, „Репортери без граници“ соопшти дека осум новинари биле убиени, а 19 повредени во Украина од почетокот на руската инвазија минатата година.
Руските сили го нападнаа и градот Бахмут, повеќемесечната фокусна точка на нивните обиди да го заземат источноукраинскиот индустриски регион Донбас, јави „Гардијан“. Шефот на руската платеничка група Вагнер рече дека украинските трупи навлегуваат пред „неизбежна контраофанзива“.
Генералштабот на вооружените сили на Украина информираше дека борбите ги зафатиле Бахмут и околните области, но руските сили не успеале да напредуваат во две села на северозапад.
Инаку, Зеленски вчера објави дека имал „долг и значаен“ телефонски разговор со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, што претставува нивни прв контакт од почетокот на војната.
Зеленски на Твитер рече дека верува оти повикот, заедно со назначувањето на амбасадор во Пекинг, ќе дадат силен поттик за развојот на билатералните односи.
Кина го потврди повикот, додавајќи дека „секогаш стоела на страната на мирот“, пренесе Би-би-си.
Пекинг се обидува да се претстави како неутрален во однос на руската инвазија врз Украина, но никогаш не ги криеше блиските врски со Москва. Кина не ја осуди инвазијата, а минатиот месец претседателот Шји беше во дводневна официјална посета на Русија.