Фото Raimund Feher од Pixabay

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести,  што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, но и во светот.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr реагираше на ширење дезинформации за Сократ, познатиот филозоф од античка Атина, односно за една приказна која му се припишува нему, а всушност сите сознанија говорат дека таа датира од денешно време. Станува збор за текст под наслов „Сократ и навредите“, за кој неколку грчки веб-сајтови тврдат дека станува збор за авторско дело на древниот филозоф.

Но проверките направени од ellinikahoaxes.gr покажале дека првото појавување на оваа приказна на интернет е на 6 мај 2017 година. Дополнително, никој во историјата не ја споменал оваа приказна како авторско дело на Сократ. Всушност, приказната е првпат објавена на еден блог, чиј автор навел дека станува збор за текст „по инспирација на писателот, од Софистичка приказна, а на местото на Сократ е персискиот филозоф, математичар, астроном и поет, Омар Хајам“. Грчкиот сервис за борба против дезинформациите наведува дека има таква софистичка приказна, но треба убаво да се провери дали во односната е опишан Омар Хајам.

„Речиси сите веб-сајтови ја преобјавија приказната, но не споменаа дека е фикција, и така имплицираа дека станува збор за добро позната приказна во која Сократ е протагонист. Дополнително, продолжува практиката на сајтовите да преземаат содржини, без да наведат од каде е преземен материјалот, а така создаваат привид дека објавуваат оригинален материјал“, пишува ellinikahoaxes.gr.