Д-р Катрин Корб | Фото: принтскрин, News HQ

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против дезинформaциите ellinikahoaxes.gr се зафати со опсежна анализа на едно видео пренесено на некои грчки вебсајтови, на кое лекарка од Германија, на протести во градот Олденбург, покрај некои познати и потврдени работи, изнесува извртени тврдења и обвинувања што не може да бидат поткрепени со факти за пандемијата на ковид-19. Таа дури зборува за „глобален тероризам“.

Видеото пренесено од грчките сајтови оригиналнот било објавено на 10 мај годинава, на Јутјуб каналот „News HQ“. Според описот на видеото, лекарката Катрин Корб, одржала контроверзен говор еден ден претходно, на протести во Олденбург против мерките за сузбивање на корона-пандемијата. Според описот, д-р Корб е општ лекар, што се потврдува и од проверката по професионалните вебсајтови во Германија. Но на нив е наведено и дека таа е хомеопат, односно лекува со хомеопатија, која што од речиси сите здравствени експерти се смета за псевдонаука. Дополнително, на германските сајтови има и коментари од нејзини пациенти, кои реагираат на нејзините ставови против вакцинирањето.

Во говорот што го пренесуваат грчките сајтови, таа обвинува дека луѓето постојано се бомбардирани со страв од корона вирусот, а тоа се правело за да се воспостави уште поголемо контрола врз човештвото, а како соучесник во тој светски заговор, таа го наведува и германскиот здравствен систем, кој наводно исто така само сакал да дојде до повеќе пари во ситуација кога пациентите се исплашени. Таа тврди и дека и лекарите се исплашени.

Но, пишува ellinikahoaxes.gr, лекарката не нуди ниту еден доказ за да ги поткрепи своите ставови, а попатно кажува и невистините работи. Така, таа дава пример со, како што вели „Европскиот правилник за срцеви заболувања“ и дека негови автори се 15 различни автори, од кои 19 наводно биле платени од големите фармацевтски компании. Но, грчкиот сервис за борба против дезинформациите проверувајќи ги наводите, вели оти Корб по сè изгледа мисли на „2019 Guidelines on Diabetes, Pre-Diabetes and Cardiovascular Diseases, developed in collaboration with the EASD“, чие што онлајн-издание вели дека има 25 автори. Но, во печатената верзија се наведува дека авторите се 24, а 25-та позиција ја пополнува посебна група од 46 луѓе, кои ги рецензирале правилата. При подготовката на правилникот, сите вклучени морале да пријават дали имаат конфликт на интерес, како што било добиени пари од фармацевтската индустрија за држење говори и предавања или за истражување, за годините 2017 и 2018. Нивните изјави се објавени од Европското кардиолошко друштво и од нив се гледа дека најголемиот дел споменале можен конфликт на интереси.

„Сепак, тврдењето на д-р Корб дека ова го прави правилникот невалиден не е точно. Прво, Европското кардиолошко друштво вели дека подготовката на правилникот била финансирана исклучиво од него, без какво било вмешување на фармацевтската индустрија. Што се однесува до авторите, некои од нив се меѓу врвните светски кардиолози и не е необично луѓе со таков углед да добиваат хонорари за одредени активности. Дополнително, како професори на претижни универзитети низ светот, нивната работа будно се набљудува од нивните колеги и доколку има доказ за корупција при подготовката на овој труд, тоа би значело крај на нивниот углед и дури и кариери“, пишува ellinikahoaxes.gr, кој вели дека овој правилник наведува дури 291 цитат од трудови прегледани од други научници.

Продолжувајќи да зборува за правилникот, д-р Корб вели и дека според него дека лековите што треба да ги пропишува на пациентите имале многу нуспојави, а не ги лекувале пациентите, односно тој правилник „носи големи трошоци“.

„Ако не ги следам овие инструкции, и здравствената состојба на моите пациенти се влоши поради која било причина, јас ќе бидам одговорна. Тие создаваат страв, и јас сум присилена да постапувам спротивно на принципите на мојата професија“, рекла германската лекарка на протестот во Олденбург.

Но грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr напоменува дека на првата страница на правилникот е напоменато дека тој не ја поништува личната одговорност на здравствените професионалци да донесуваат соодветни и применливи одлуки при оценувањето на здравствената состојба на секој пациент – и во консултација за пациентот или неговиот негувател. Исто така, во правилникот се наведува дека тој не ги ослободува од одговорност лекарите да ги следат поновите препораки или правила издадени од компетентните здравствени власти.

Но д-р Корб не застанува тука. Таа вели оти владите на сите им велат дека смртоносниот вирус ќе убие милиони ако тие не го заштитат населението, оти знаат подобро од обичните луѓе, бидејќи имаа експерти а „обичните луѓе не се способни да решаваат за себе, дека се премногу глупави за тоа“, па затоа ќе ги изолираат луѓето, ќе им ги одземат правата и ќе ги замолнат – за нивното добро. „Ве тероризираме секој ден со страшни извештаи коишто вие не сте способни ни да ги испитате“, тврдела д-р Корб.

Еllinikahoaxes.gr на ваквите тврдења на лекарката пишува дека владите низ светот дејствуваа според препораки на независна заедница на епидемиолози и инфектолози, а и поради отстуството на докажан лек против корона вирусот, па затоа морале да се преземат мерки на изолација и забрана на движење. Тоа не е ништо ново, се правело и во претходни случаи на епидемии и пандемии, пишува грчкиот сервис за борба против дезинформациите.