Дури 25 лица во Грција починале од вирусот Западен Нил од јуни до вчера, покажува најновиот неделен извештај на Националната здравствена организација на Грција (ЕОДИ). Овој вирус го пренесуваат комарци, а најмногу тигрестиот комарец.

До вчера, здравствените работници утврдиле 195 случаи на заразени од Западен Нил. Од нив кај 121 пациент се појавиле заболувања на централниот нервен систем, како енцефалитис и менингитис.

Националната здравствена организација на Грција апелира граѓаните да ја штитат кожата со средства што ги одбиваат инсектите, да носат облека што повеќе покрива, како и да ставаат комарници на вратите и прозорците. Се препорачува и да се исфрли и исушува застојаната вода од вазни, базени, канали, како и редовно да се стрижат тревниците и градините да се наводнуваат наутро.